
ПУШТАЊЕ НА ОБЈЕКТОТ ВО УПОТРЕБА
Точно по 2 години напорна работа нашиот објект е завршен и спремен за вселување. Поминати се сите инспекциски контроли на квалитет и фукционалност, обезбедена е сета административна документација и со тоа објектот е ставен во функција. Во текот на изградбата применети се најновите и најфукционалните процеси и употребувани се најквалитетните материјали на пазарот. За таа цел беа ангажирани реномирани фирми – изведувачи, поголем дел од нив веќе познати и докажани со нивните производи и услуги на нашиот пазар. Секој процес е нагледуван од стручни лица а по потреба беа користени и дополнителни консултантски услуги од фирми специјализирани за одредени специфични фази од изградбата.
Среќни сме што обезбедивме топол и среќен дом на повеќе семејста, а со нови сили и предизвици продолжуваме понатаму!

ПОСТАВУВАЊЕ ДАБОВ ПАРКЕТ
Како финален производ за поставување на подот беше избран дабовиот паркет. Иако се работи за далеку поскапа инвестиција како и посложена процедура околу самото негово поставување, сепак паркетот има повеќе предности во однос на ламинатот. Пред сè, се работи за природен материјал, кој после добра обработка изгледа прекрасно а истотака самата негова дебелина овозможува побавно ладење на самиот под.

ПОСТАВУВАЊЕ ЦЕМЕНТНА КОШУЛКА И ЗАПОЧНУВАЊЕ СО КЕРАМИЧАРСКИ РАБОТИ
Поставувањето цементна кошулка само по себе претставува доста важен процес заради неколку причини меѓу кои и со нејзино поставување се завршува процесот на звучна изолација. Имено, високото ниво на звучна изолација во нашиот објект е постигнато и со поставување камена волна на реномираниот германски производител Knauf помеѓу бетонските површини на подот и цементната кошулка. Понатаму, преку поставувањето на цементната кошулка на некој начин се корегираат и најмалите нерамнини на бетонската плоча и се добива идеална рамна површина за поставување на финалниот производ на подот. Процесот сам по себе бара стручност и внимание на највисоко ниво заради избегнување на дополнителни проблеми кои можат да се појават доколку не бидат запазени одредени правила и техники во самата фаза.
По многу анализи а врз основа на позитивни критики од страна на други корисници, како единствен добавувач на керамички плочки и материјали беше избрана компанијата Енмон од Велес. Покрај широкиот избор на секаков вид керамички плочки од различни производители, самата компанија произведува и високо квалитетна фуга и лепак за плочки, а во нивните продажни салони можат да се најде и комплетна санитарија за купатилата. Во квалитетот на производите на оваа компанија се уверивме и ние. Купатилата, кујните, терасите како и ходниците во нашиот објект добија посебен сјај.

ДЕМИТ ФАСАДА – НАДВОРЕШНА ИЗОЛАЦИЈА
Дали сте знаеле дека топлотната енергија најмногу се губи од надворешните ѕидови – дури 30%? Затоа, денеска поставувањето на “демит” фасада игра многу важна улога во градежништвото како и кај самото домување. Со висококвалитетна топлотна изолација (“демит” фасада) се постигнува висок степен на енергетска ефикасност како и подигнување на животниот стандард кај идните станари гледано од финансиска гледна точка.
За таа цел, во нашиот станбен објект А2 во Маџир Маало поставена е “демит” фасада со 10 см стиропор Усје и фасаден материјал од Bekament од соседна Србија.

МАШИНСКО МАЛТЕРИСУВАЊЕ И МОЛЕРСКИ РАБОТИ НА ВНАТРЕШНИ ЅИДОВИ
Веднаш по подобрувањето на временските услови започнавме со машинско малтерисување на внатречните ѕидови. За оваа фаза беше доведена екипа од професионални “малтерџии” директно од Италија од каде истотака беа набавени аголните лајсни и лајсните за правец на ѕидовите, додека пак машинскиот малтер е набавен од ОММ Огражден од Струмица. Со квалитетниот кадар и квалитетниот материјал добивме 100% прави ѕидови со најквалитетна подлога за нивна понатамошна обработка.
Молерските работи започнаа со бандажирање на бетонските делови (плафоните, столбовите, бетонските платна и бетонските греди) како и поставување на аголни лајсни на столбовите и бетонските греди. Понатаму, следуваше глетување на ѕидовите во 2 раце, стругање на глет-масата и бојадисување со поликолор. Посебно внимание е посветено на оваа фаза бидејќи доаѓаме до финален производ кој ќе биде видлив и кој бара перфекција во изведбата за добивање на највисок квалите. И во оваа фаза е користен висококвалитетен кадар и материјал.

ПВЦ Столарија
Со поставувањето на ПВЦ прозорците дојдовме до фазата затворена карабина. Изведувачот е една од најпознатите и веќе докажани компании на домашниот пазар од оваа дејност – “Проспера” од Куманово.
Поставените ПВЦ прозорци се со шестокоморен профил и двослојно термопан стакло за 4 сезони. Профилите се производство на Trocal од Германија. Една од предностите на овој вид на профили, покрај квалитетот, е и изоставувањето на оловото како стабилизатор во процесот на производството со што се отстранува штетното дејство на овој отровен метал. Стаклата, пак, се производство на американската компанија Guardian која е специјализирана за производство на специјални нискоемисиони стакла со меко покритие со кое се зголемуваат изолаторските својства на самото стакло. Истотака, прозорците се исполнети со гас Аргон со што топлинската изолација на самиот прозор е зголемена за уште 10%.